Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија учествува во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која се одржува секоја година од 25 ноември (Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените) до 10 декември (Меѓународен ден на човековите права). Кампањата има за цел да ја подигне свеста за родово базираното насилство (РБН) и да ги промовира напорите за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата.
Делегацијата го започна своето учество во кампањата под слоганот „Промени ја приказната – стави крај на насилството“, со моќно видео со интимно сведоштво на жена која минува низ неколку емоционални фази, одразувајќи ја нејзината лична трансформација и интегрирајќи ги искуствата на многу други жени. Филмот започнува со нејзината почетна состојба на траума и молк, моменти на ранливост, но на крај таа донесува одлука да побара помош, исполнета со неизвесност. Гледаме како таа се стабилизира, како се отвора ново поглавје во нејзиниот живот додека станува глас за други жени кои поминале низ слични тешкотии, и завршува со нова фаза во нејзиниот живот – стабилност и нов почеток.
„Европската Унија стои покрај сите жени и девојки кои се соочиле со насилство и дискриминација — и покрај сите оние кои работат за тоа да се искорени. Родово базираното насилство не е само брутално кршење на фундаменталните права. Тоа е напад врз еднаквоста, правдата и видот на иднина што заедно ја градиме“, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, при отпочнувањето на кампањата. „Кој може да ги заборави жените кои ги обновија своите животи — и сега им помагаат на другите да го сторат истото? Јас нема да ги заборавам! Нивната храброст инспирира. И вашата може.“
Преку своите програми, ЕУ поддржува организации кои работат на поддршка на жени жртви на насилство, семејно насилство, трговија со луѓе, како и жени во економска сиромаштија, чиј опстанок и опстанокот на нивните семејства биле ставени под дополнителни тешкотии.
Под слоганот „Промени ја приказната – стави крај на насилството“, за време на кампањата ќе бидат објавени седум вистински животни приказни на жени кои издржале и успешно ги надминале овие предизвици, насилството и тешкотиите, со помош на граѓански организации, поддржани од ЕУ.
Делегацијата се гордее со соработката со Олимпискиот комитет на Северна Македонија (МОК), кој активно се приклучи на кампањата, а дел од најистакнатите спортисти снимија пораки со своите ставови за неприфатливоста на родовото насилство.
Вработените во Делегацијата на ЕУ, заедно со шефот на Делегацијата, амбасадорот Михалис Рокас, снимија силни пораки кои ќе се емитуваат за време на кампањата, јасно зборувајќи против родово базираното насилство и за потребата целото општество да се вклучи и да го промени својот однос кон овие ужасни практики.
Во соработка со „Отворена Порта – Ла Страда“, Делегацијата организира три работилници за превенција од насилство и трговија со жени и девојки во Europe House во Скопје, Битола и Тетово, на 2, 3 и 5 декември, соодветно. Работилниците ќе опфатат прикажување на документарниот филм „Излез“, по што ќе следи панел-дискусија со присутните млади. На работилниците ќе се истражува пресекот меѓу родово базираното насилство, трговијата со луѓе и присилните и детските бракови, со нагласување како системската нееднаквост и штетните родови норми ја зголемуваат ранливоста на жените и девојките на насилство и експлоатација.
Кризен центар „Надеж“, во соработка со Делегацијата на ЕУ, организира три настани. На 25 ноември се одржа улична акција на плоштадот во центарот на Скопје, во која ученици од Меѓународното приватно училиште (IPS) делеа информативни материјали на минувачите. Следниот ден беше организирана презентација во IPS за учениците на тема превенција на родово базирано и семејно насилство. Третиот настан ќе се одржи во Europe House во Скопје на 5 декември, во форма на панел-дискусија под наслов „Младите како носители на промени – превенција на насилството преку учество и образование“.
