Нoвости
25 Nov

Приказната на Хероина бр. 1 (16 дена активизам против родово заснованото насилство 2025)

25 November 2025

Весна е мајка на три деца, жртва на трговија со луѓе и сексуално насилство. Измамена од блиска пријателка, завршува во заробеништво во странство, каде што е изложена на насилство и контрола. Во момент на храброст и поддршка од пријател, полиција и невладина организација, успева да избега и да се врати дома.

И покрај длабоката траума таа денес создава нов живот. Ново семејство, работа и посветено им помога на други жени. Весна е симбол на отпорот, солидарноста и женската сила.

КОГА ДОВЕРБАТА СТАНУВА ЗАМКА

„Имав 36 години, и бев пред развод. Се чувствував изгубено и исплашено. Бев економски зависна. Сакав да заминам да работам во странство, да се спасам од сè и да почнам од нула.“ признава Весна.

Таа не е наивна, таа отворено зборува дека во тој период се соочува со криза – емотивна, економска, семејна. Во такви моменти, довербата станува ризик. „Пријателка ми понуди работа во странство. Верував дека ќе ми помогне.“

Психолошки, ова е класичен пример на манипулативна регрутација кога сторителот ја користи довербата и моментот на емоционална нестабилност за да ја вовлече жртвата во состојба на целосна контрола. Весна е транспортирана преку неколку држави, без документи, без можност за отпор.

КОГА ТЕЛОТО ЗБОРУВА

Во станот каде што била сместена, Весна живеела под постојан надзор и под целосна контрола. „Ми беше забрането да имам комуникација и немав телефон – ми беше изгасен.“ Во еден момент успеала да го земе телефонот и да испрати порака: „Не сум добро.“ Тоа било доволно за да се активира потрагата која се одвивала преку Интерпол.

Полицијата ја лоцирала и ја посетила двапати. „Ме прашаа дали е сè океј, а јас под принуда морав да кажам дека е.“ Но при вториот обид, Весна го направила единствениот можен потег. „Полицаецот се поздрави со сите. Полицајката ми пружи мене рака, и јас ѝ ја стиснав раката и не ја пуштам. Таа тогаш ме повлече и ме зедоа. Така излегов од таму.“

Стисокот на раката бил клучен момент. Во ситуации на заробеништво, жртвите често не можат гласно да побараат помош, но телото реагира. Весна не кажала ништо, но не ја пуштила раката на полицајката — доволно јасен сигнал за службеничката да препознае дека нешто не е во ред. Тоа бил првиот конкретен чекор кон нејзиното извлекување.

ВАЖНО Е ДА НЕ СИ САМА

По извлекувањето, Весна била сместена во шелтер-центар. Но стравот не исчезнал веднаш. „Кога ја посетувавме полицијата за да одговорам на прашања, го видов човекот во близина. Мислев дека ќе добијам срцев удар. Влеговме во една продавница, ми даваа вода, шеќер… не знам како успеав да се смирам.“

Таа состојба на посттрауматски стрес е честа кај жртвите на трговија со луѓе. Телото реагира на секој потсетник мирис, лице, простор како на нова закана. Весна вели дека долго време не можела да спие. „Долг период беше легни – штрецни се. Немав мирно спиење.“

По враќањето во земјата, стапила во контакт со една жена од невладина организација. „Од тогаш работите тргнаа поинаку.“ Започнала редовна психолошка и психијатриска поддршка. „Ми требаше време, ама после неколку посети и долги разговори почнав да се чувствувам како човек.“

Во тој процес, клучна улога одиграл и пријателот со кој претходно била во контакт — човекот со кого денес живее. „Тој ми помогна многу. Ми даде простор да се смирам, да се чувствувам безбедно. Не ме притискаше, само беше тука.“

Стабилната, ненаметлива поддршка игра клучна улога во процесот на закрепнување. Кога жртвата не е оставена сама со траумата, се создава простор за доверба, за смирување, за повторно воспоставување на чувство на контрола. Во случајот на Весна, токму тој вид поддршка — од партнерот, од психолозите, од организацијата — ѝ овозможил да започне соочување со болката и постепено да се врати кон себе.

ЖИВОТОТ ПОСЛЕ НАСИЛСТВОТО

Денес, Весна живее со партнерот кој ѝ помогнал да се извлече од насилството. Заедно имаат дете, а со неа се и двете деца од претходниот брак. „Сега сме во брак, живееме заедно, имаме детенце. Тој беше единствена светла точка во тој период.“

Семејството ѝ овозможило чувство на сигурност, место каде што може да се чувствува безбедна, слушната и прифатена. „Собирав сила пред децата да не покажувам колку ми е тешко. Тие ми беа утеха.“

Весна е вработена, продолжува со психолошка поддршка и гради секојдневие во кое има избор. „Штом собрав храброст од таму да излезам сама, можам да продолжам понатаму.“

Весна денес не зборува само за преживување — таа зборува за избор. За храброста да се побара помош, за тишината што добива глас, за  говорот на телото. Нејзината приказна не бара сожалување, туку внимание. Таа е потсетник дека секоја жена заслужува простор за сигурност, поддршка и слобода. И дека најважно од сè — ниедна жена во борбата не треба да биде оставена сама.