На 28 јуни 2022 година, проектот финансиран од ЕУ „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“ во соработка со Министерството за правда, организираше работилница за презентирање на клучните наоди од компаративниот преглед на добри практики од регионот и ЕУ за законодавството за здруженија и фондации.
Целта на компаративниот преглед е да се поддржи работната група за изготвување на измените на Законот за здруженија и фондации, преку давање информации за тоа како се регулираат различните теми во други земји и идентификување на најдобрите практики кои се применливи во национален контекст.
На работилницата присуствуваше г-дин Агим Нухиу, заменик министер во Министерството за правда и државниот секретар г-дин. Мухамед Точи. Во своето воведно излагање, г-дин Нухиу ја потврди подготвеноста на Министерството за правда да ја даде сета потребна поддршка на работната група, како и нивната целосна посветеност како би се осигурале дека процесот ќе биде завршен на инклузивен и транспарентен начин. Г-ѓа Ирена Иванова, програмски менаџер во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, ја истакна важноста од соодветна координација на паралелните процеси на ревизија на законите, притоа повторувајќи ја нивната посветеност за континуирана помош на Работната група.
Наодите од компаративниот преглед кои беа презентирани и дискутирани опфатија прашања поврзани со основањето и статусот на организациите, непартискиот принцип, финансирањето и имотот на организациите, статусот на организациите од јавен интерес како и целокупното овозможувачко опкружување на граѓанските организации во земјата. Компаративниот преглед придонесе за поттикнување продуктивна дебата меѓу членовите на работната група и идентификување на потенцијални компаративни практики кои би можеле да бидат применливи во локалниот контекст.
Во претстојниот период ЕУ проектот “Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“ ќе продолжи да ги поддржува процесите за измена на законодавството поврзано со овозможувачката средина за ГО.

