Новата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество и Акцискиот план за периодот 2022 – 2024 година е донесена на 28.12.2021 година. Унапредувањето на правната рамка за развој на граѓанското општество, унапредувањето на институционалната рамка за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија, државните институции и граѓанските организации, како и развојот на соодветна фискална рамка за граѓанските организации која ги зема предвид спецификите на граѓанските организации и го овозможува нивниот развој и работење, вклучително и усвојувањето на соодветен модел на државно финансирање остануваат клучни приоритети.
Проектот за техничка поддршка беше тесно вклучен во процесот на изработка на Стратегијата, првично со давање увид во достигнувањата и предизвиците од спроведувањето на претходната Стратегија. Проценката ги идентификуваше областите во кои дошло до подобрување и даде препораки за унапредување на рамката за мониторинг на новата Стратегија преку подобро дефинирање на индикаторите, како и утврдување на трошоците за предложените мерки. Од страна на Проектот за техничка поддршка беше организирана работилница за членовите на на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и Одделението за соработка со граѓанските организации на Генералниот секретаријат и експертите на Проектот за техничка поддршка, на која се дискутираше за методологијата и структурата на Стратегијата, како и за нејзино усогласување со нацрт-насоките на ЕУ за поддршка на граѓанското општество во земјите од процесот на проширување.
