Нoвости
19 Nov

Промотивен настан за Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ

19 November 2022

На 8 ноември 2022 година, во Europe House, Скопје, се одржа промотивниот настан за Механизмот на граѓанска отпорност. Околу 50 претставници на државни институции, амбасади, граѓански организации и други релевантни чинители се собраа за да се запознаат со новиот механизам за непарична директна поддршка наменет за малите локални организации во земјата.

Г. Штефен Худолин, шеф за соработка при Делегацијата на Европската Унија во своето обраќање истакна дека на граѓанското општество му е потребна стратешка поддршка која ќе овозможи непречено работење и постојан развој на капацитетите на ГО. ЕУ првпат го воведува овој механизам за финансирање во земјата, со кој ќе обезбеди ресурси за најмалите и најмалку искусни организации во локалните заедници. Г. Худолин информираше дека во текот на изминатите две децении, партнерството меѓу ЕУ и граѓанското општество во земјата се проширило. Главниот канал за поддршка на граѓанскиот сектор е ИПА Инструментот за граѓанско општество воспоставен во 2008 година, која обезбедува поддршка за многу предизвици со кои се соочува регионот.

„Сметам дека на граѓанските организации, во мала земја како нашата, во време кога преговараме за полноправно членство во ЕУ, треба да им се даде простор да учествуваат и да дадат свој придонес за ефикасноста и ефективноста на преговорите. Идејата е тоа да се постигне во согласност со законската рамка и секако без да се наруши независноста и природата на нивната работа“, изјави г. Бојан Маричиќ, заменик-премиер задолжен за европски прашања. Тој истакна дека како претставник на Владата и актуелен главен преговарач е целосно свесен за клучната улога на граѓанското општество во преговарачкиот процес и од тие причини во рамките на Одлуката за формирање преговарачка структура за пристапување на Република Северна Македонија до Европската Унија, се предвидува можност и граѓанското општество да учествува во работните групи.

Покрај овој промотивен настан, беа одржани петнаесет информативни сесии за МГО за локалните граѓански организации во сите региони на земјата – Битола, Охрид, Гостивар, Куманово, Кочани, Струмица, Кавадарци, Велес, Прилеп, Тетово, Кичево, Кратово, Делчево, Гевгелија и Скопје. На платформата ZOOM беше организирана и една онлајн информативна сесија. Граѓанските организации покажаа голем интерес и го карактеризираа МГО како многу погоден за мали и неискусни организации кои им служат на нивните локални заедници. Сесиите собраа речиси 300 учесници кои научија за ЕУ МГО и како да аплицираат за оваа непарична директна поддршка.